Утврдување и запишување на вистинскиот сопственик на правно лице

Една од поактуелните теми деновиве е регистрирање во регистарот на вистински сопственици во Централниот регистар на РСМ.

На 27.01.2021 година, Централниот регистар го пушти во употреба Регистарот на вистински сопственици и од овој ден започна да тече рокот од 90 дена за пријавување на податоците за вистинските сопственици во Регистарот. Обврска на сите трговски друштва е да ги пријават вистинските сопственици, преку лица овластени за поднесување на пријави во Централниот регистар.

Пред да се впуштиме во образложение за тоа што значи поимот „вистински сопственик“, зошто е потребно да се врши регистрација, која е улогата на ЦРРСМ и управата за финансиско разузнавање, кој се треба да изврши регистрација во регистарот, на кој начин тоа се прави, кои се последиците од не внесување на податоци за вистински сопственик и сл., сакаме да потенцираме дека регистрирањето во регистарот на вистински сопственици, не претставува статистичка операција за потребите на државните органи, ниту пак за ЦРРСМ. Регистрирањето не подразбира само пресликување на податоците од тековна состојба во новиот регистар кој го води ЦРРСМ, туку целта за воспоставување на таквата обврска е сосема друга.

Со цел да може да се разбере значењето на регистрацијата на вистинскиот сопственик, доволно е само да се нагласи дека поимот „вистински сопственик“, обврската за регистрација, начинот и постапката на регистрација се предвидени во Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Поимот на „вистински сопственик“, е предвиден уште со законот од 2014 година, објавен во Сл.весник на РМ 130/2014 од 03.09.2014 година. Тоа подразбира дека обврската за регистрирање на вистински сопственици не е нова, туку поради фактот што регистарот не беше пуштен во употреба, не можеше да се започне со извршување на обврската за регистрација на вистински сопственици од влегување во сила на законот од 2014 година.

Улогата на ЦРРСМ по однос на регистрирање на вистинските сопственици е само како поткрепа за спроведување на обврските кои се предвидени со закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам, и е надлежна за водењето на регистарот.

Согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам,   „Вистински сопственик“   е секое физичко лице (лица) кое е краен сопственик на клиентот или го контролира клиентот и/или физичко лице (лица) во чие име и за чија сметка се извршува трансакција. Поимот вклучува и физичко лице (лица) кое врши крајна и ефективна контрола над правно лице или странски правен аранжман;

„Регистар на вистински сопственици“   е информациски систем кој овозможува прием, евидентирање, обработка, чување и размена на податоци и/или документи за вистински сопственици во електронска форма;

Уште од самиот поим во Законот, може да се заклучи дека под вистински сопственик не се подразбира само лицето кое има удел во друштвото и кое е впишано во тековна состојба како основач/содружник, туку потребно е да се утврди реалниот краен и вистински сопственик на еден субјект (едно правно лице).

Во законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам се предвидени неколку одредби кои ја уредуваат оваа тема, односно начинот, условите и постапката на утврдување на вистинскиот сопственик и негово регистрирање во регистарот.

Исто така, директорот на управата за финансиско разузнавање е донесено упатство за начинот на идентификување на вистинскиот сопственик, а согласно обврската предвидена во член 18 став 8 од Законот.

Сето тоа, несомнено упатува на фактот дека регистрирање на вистински сопственици не е само статистичка операција за целите и потребите на ЦРРСМ или други државни органи, односно препишување на податоците од тековна состојба, туку тоа подразбира утврдување на вистинскиот сопственик на едно правно лице во вистинска смисла на зборот, како и негово регистрирање во регистарот, а не регистрирање на запишаниот сопственик во тековната состојба.

Имено, согласно Законот за перење пари и финансирање тероризам е предвидена задолжителна обврска за идентификување на вистинскиот сопственик. Тоа најпрво може да се изврши врз основа на податоци и информации од сигурни и независни извори, со цел да може со сигурност да се утврди кој е вистинскиот сопственик.

Доколку од било кои причини не може да се добијат податоци и информации за вистинскиот сопственик, или пак има сомнеж за  вистинитоста на таквите податоци и информации, потребно е законскиот застапник на правното лице да даде изјава заверена на нотар под полна морална и материјална одговорност за тоа кој е вистинскиот сопственик.

I    Вистински сопственик на правно лице е:
1. Физичко лице (лица) кое е сопственик на правното лице или го контролира правното лице преку директна сопственост на доволен процент на удели, акции, вклучително и акции на доносител или право на глас или други права во правното лице;
2. Физичко лице (лица) кое го контролира правното лице преку индиректна сопственост на доволен процент на удели, акции, вклучително и акции на доносител или право на глас или други права во правното лице или
3. Физичко лице (лица) кое на друг начин остварува контрола на правното лице.

Индикатор на директна сопственост е сопственоста на над 25% од уделите, правата на глас или други права во правното лице, односно сопственоста на 25% плус една акција.

Индикатор на индиректна сопственост е сопственоста или контролата на физичко лице (лица) над едно или повеќе правни лица кои поединечно или заедно имаат над 25% од уделите или 25% плус една акција.

Ако со примена на точките 1 и 2 не може да се утврди физичко лице/а за вистински сопственик/ци или ако субјектот не е сигурен дека физичкото лице/а идентификувано/и согласно со точките 1 и 2 е/се вистински сопственик/ци, во тие случаи за вистински сопственик/ци е/се смета лицето/та идентификувано/ни со примена на точката 3.

II Вистински сопственик на домашни и странски здруженија и нивни сојузи, фондации, установи, комори, синдикати, политички партии, задруги, верски заедници или други организации во кои учеството во управувањето врз основа на сопственички удел во капиталот не е можно да се утврди, се смета секое физичко лице кое е овластено да ги застапува или физичкото лице кое има контролна позиција во управувањето со имотот на организацијата.

III     Вистински сопственик на трговец поединец или самостојни вршители на дејност е физичкото лице регистрирано за вршење на дејноста и во исто време е единствен овластен претставник.

IV     Вистински сопственик на буџетски корисник е раководител на буџетскиот корисник.

V         Вистински сопственик на правно лице во државна сопственост е лицето кое управува или раководи со органот на управување на правното лице во државна сопственост.

VI        Вистински сопственик на правно лице кое е во постапка на стечај или ликвидација е стечајниот управник, односно ликвидаторот до завршувањето на постапката на стечај, односно ликвидација.

Регистар На Вистински Сопственици

Заради обезбедување на транспарентност на сопственичката структура на правните субјекти се воспоставува регистар на вистински сопственици (во натамошниот текст: регистар).

Централниот регистар на Република Македонија (во натамошниот текст: администратор на регистарот) го воспоставува, води, одржува и управува со регистарот.

Во Регистарот се внесуваат податоци за сите постоечки субјекти иницијално, како и за сите настанати промени во сопственичката структура на субјектите. Сите уписи кои ќе се спроведуваат во законските рокови се спроведуваат без надомест (8 дена од денот на основањето на субјектот и 8 дена од денот на промената на вистинскиот сопственик), при што таква можност за сите постоечки субјекти ќе се обезбеди и во рок од три месеци од моментот на воспоставувањето на Регистарот.

Подносители

Овластеното лице за застапување и претставување на правниот субјект е должно да ги внесе податоците во регистарот.

Правните субјекти преку системот на ЦРРСМ може да овластат друго лице во нивно име да ги внесе податоците за нивните вистински сопственици, како и податоците за промените на вистинските сопствениците во регистарот.

Правните субјекти се одговорни за точноста, адекватноста и ажурноста на податоците внесени во регистарот.

НАДЗОР

Управата врши надзор над правните субјекти и утврдуваат дали поседуваат, чуваат и впишале во регистарот адекватни, точни и целосни податоци за вистинскиот сопственик.

ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

          Глоба во износ 20.000 до 30.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице   (голем трговец),   ако:
– не го идентификува и потврди идентитетот на вистинскиот сопственик согласно со членот 18 од овој закон,

За дејствијата на правно лице   (среден трговец)   ќе му се изрече глоба во износ од 10.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.

За дејствијата на правно лице   (мал трговец)   ќе му се изрече глоба во износ од   5.000 до   10.000 евра во денарска противвредност.

За дејствијата на правно лице   (микро трговец)   ќе му се изрече глоба во износ од   3.000   до 8.000 евра во денарска противвредност.

За дејствијата на правните лица од ставовите може да им се изрече прекршочна санкција привремена забрана за вршење одделна дејност согласно со закон.

Глоба во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност за дејствијата ќе му се изрече за прекршок и на одговорното лице во правното лице.

На одговорното лице во правното лице за дејствијата покрај глобата може да му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност согласно со закон.

II           Глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правниот субјект, ако:
– не поседува и чува адекватни, точни и ажурни податоци за вистинскиот сопственик и
– не ги внесе податоците за вистински сопственик/ци, како и податоците за промените на вистински сопственик/ци во регистарот.

Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правниот субјект ќе му се изрече за прекршок и на одговорното лице во правниот субјект за дејствијата.